Ако се вратиме назад во времето, ако ја прочитаме целата биографија на ФК Победа – Валандово, ќе забележиме дека од секогаш фудбалот бил спорт број 1 во Валандово, но секогаш било тешко тој да опстои, финансиите секогаш биле проблем, Како е сега да се биде дел од Победа?
-Да се биде дел од Победа секогаш претставува задоволство. И како пионер, и како кадет и како младинец, а сега уште повеќе како тренер на најмладите категории.
Вие сте професор по физичко, професионален тренер со лиценца. Популарен ли е фудбалот уште во Валандово?
-Фудбалот бил и сеуште е најпопуларен спорт меѓу младите во Валандово. Според мои неофицијални статистики секое второ машко дете од прво до осмо одделение во Валандово и општината тренира фудбал.
Вие ги тренирате новите генерации, кажете ни нешто повеќе.. Кои генерации, колку дечиња, како функционирате, кој ви помага?
-Јас и колегата Љупчо Трајковски, исто така професор по ФЗО и лиценциран тренер за млади, работиме со најмладите категории од 2009та па се до 2017та година. Тоа се деца од прво до деветто одделение и редовно доаѓаат некаде околу 110 дечиња кои се натпреваруваат во детската лига на ФФМ. Да бидам искрен, поминуваме низ тежок период, како што знаете клубот е без управа и се е оставено на двајцата тренери. Но тука се родителите, од кои имаме безрезервна поддршка и доверба и така заедно одиме напред по вистинскиот пат.
Децата освен што тренираат, треба и да се мотивираат преку натпревари, турнири. Како се организирате?
-Децата се крајно мотивирани, бидејќи освен што тренираат исто така се натпреваруваат и во детската лига на ФФМ. Исто така, важиме за супер дисциплинирана и културна екипа, па многу често стигаат покани за силни турнири како во земјава така и надвор. Пред еден месец учествувавме на The football frame купот во Скопје, сега во Охрид на Next level tournament, а имаме покана во септември на Cool куп во Скопје и во август на турнири во Смедерево и Белград.
Какви се условите во Победа, како сте организирани клубски, колку ви помага, дали ОФС, ФФМ, Агенцијата за спорт, КОЈ ?
-Кога зборуваме за услови за работа во Победа, од страна на инфраструктура, опрема, реквизити, не можеме да се пожалиме. Проблемот е во човечките ресурси, треба повеќе тренери, асистенти координатори и цела управа. Освен финансиската помош од општината, единствена помош која клубот ја прима од структури и организации е единствено ФФМ и тоа преку наши сограѓани кои имаат место или соработуваат со федерацијата. Од ОФС , АМС и други, јас како тренер не знам за некаква помош.
Се остава впечаток дека ОФС како да не постои или пак ние не сме информирани, или не знаеме навистина што се работи (не гледаме). Ваш коментар, каква е вашата соработка со ОФС?
-Како тренер јас со ОФС немам и не треба да имам некој контакт, тоа е работа на управата, но во овие моменти кога нема управа, единствено што соработуваме е регистрирање на нови играчи. Да бидам искрен, од ОФС и не гледам баш некој голем интерес за нашиот клуб, посебно не за младите со кои ние работиме.
На одбележувањето на 100 годишнината од ФК-Победа, искрено се надевавме на нешто повеќе од настан, но тоа се случи за да се каже дека нешто се случи. Дали го делите мислењето?
-За 100 годишнината , искрено освен настанот не очекував нешто повеќе. Сите беа ангажирани за настанот, еуфорија за Победа во трета лига, а децата беа занемарени. Јас бев против сениорски тим, и сеуште сум против се додека овие деца со кои работиме не се спремни да станат сениори. А тоа е за 5 години одсега. Се друго е залудно трошење на пари, време и нерви.
Ваши планови со овие генарации, каква иднина има Победа.
– Јас имам свои видување и планови како тренер, но за тоа одлучува управата. Да се надеваме дека новата управа ќе ги земе предвид мислењата на тренерите, родителите и пошироката јавност и ќе направи добра долгорочна стратегија. Ние како клуб за овие две години со младите го завршивме најтешкиот дел. Направивме основа, база, која сега само треба правилно да се насочи и усовршува. Највозрасната генерација 2009/10 веќе нема право на настап во детска лига, и догодина ќе ја пријавиме во регионална лига петлиња. После две години доаѓа нова категорија, пионери, па кадети и младинци и за околу 5 години оваа наша во моментот најстара генерација 2009/10 ќе биде спремна за сениорска конкуренција, а надолу ќе ги имаме сите можни младински категории. Тоа е планот на тренерите и родителите, но како што реков крајниот збор ќе го има управата, која очекуваме да биде избрана што побрзо. Валандово има талентирани, упорни и дисциплинирани деца. Јас верувам дека со оваа темпо, со повеќе тренери а помали групи, со стабилна управа и буџет, ќе бидеме еден од најдобрите тимови во регионот, ако не и пошироко.