среда, декември 4, 2024

РАДИО ВАЛАНДОВО 91,6 FM

More

    МЛАДЕН СПАСОВ ОД ВАЛАНДОВО – ОД ЧИСТАЧ ДО ГЛАВЕН МЕНАЏЕР НА БРОД

    Младен Спасов (35) од Валандово од чистач до Генерален менаџер (Директор на Хотел) одговорен на целиот бродски персонал на Карнивал Круз Лајн. Младен ја запознава Ронел – љубовта на неговиот живот. Се подготвува за свадба во родното Валандово, а гости ќе има од цел свет, сватовите доаѓаат од Кејп Таун, Јужна Африка.

    Младен, како се случи воопшто да заминеш да работиш на брод?

    -Моментално имам 35 години но се осеќам на 25 Хахаха… Работата на брод дојде спонтано, се се случи многу брзо и така после консултирање со фамилијата се одлучив да испробам нешто ново. Еден пријател ни раскажуваше дека е многу добра заработувачка и дека би можело да се заштеди за добар живот. Претходно, преку студентската програма веќе бев во Америка (поточно Аљаска) и имав работено на брод, па си помислив дека ќе издржам еден-два договори по 6 месеци, ќе заработам и ќе се вратам дома.

    Зошто го направи тоа, колку години работиш, како започна се, може ли да ни раскажеш?

    -Мојот прв договор беше во Март 2013 година, значи полни десет години работам за компанијата Карнивал Круз Лајн. Најискрено, одлуката да заминам да работам на брод беше најмногу заради финансиски средства. Во Македонија беше тешко да се најде работа која би понудила финансии приближно што беше на понудата за на брод. Се пријавивме во агенцијата Мајоми од Скопје, и за неполн месец група од 20 луѓе од цела Македонија заминавме за Дубровник на интервју за работа. Кога аплициравме, сите бевме примени како помошни чистачи на бродските соби (помошници на Главниот Стјуард/Чистач). Интервјуто беше малку стресно и моравме да покажеме дека имаме барем минимално знаење. И така сите бевме примени и заминавме во Италија во Финкантиери (најголемото пристаниште за поправки на бродовите) на тогашниот брод Дестини на компанијата Карнивал. Беше многу тешко да се навикнеме на таква тешка работа бидејќи немаше гости а бродот беше во фаза на големо реновирање. Кога заврши реновирањето после 2 месеци, пред да испловиме со гости, повеќето од моите пријатели од Македонија беа пренесени на други бродови. Јас останав и бев промовиран во Супервизор на отворениот дел на палубите и базените. Првиот договор беше тежок и си помислив дека не би можел да издржам многу години работејќи така. Но ете, 10 години подоцна уште сум вработен и заљубен во тоа што го работам.

    Какви подготовки се потребни за еден млад човек замине и работи?

    -Па денеска да се замине на брод и да се најде работа, најлесно е малку пребарување по интернетот. Многу искуство не е задолжително за почетнички позиции како келнери или чистачи, бидејќи компаниите исто така нудат и помош на бродовите во нивните Тренинг Центри, каде им помагаат на сите вработени со усовршување на јазикот, на позицијата и така натаму. Најбитно за секој млад човек пред да замине на брод и да работи во услови каде секој ден е Понеделник , понекогаш и по 10-14 часови на ден, е да има одлучност и трпение, бидејќи секој ден работата е иста и на исто место. Ќе има искушенија на почетокот но како што јас Би кажал, на крајот се исплати.

    Каде патуваш?

    -Досега единствени места каде не сум патувал се Австралија и Азија. Најмногу патувам по Америка, Бахамските острови и Карибите. Од места каде најмногу патуваме и се едни од најомилените на вработените се Козумел во Мексико, Кајманските острови и Бахамите, најмногу заради топлината и гостопримливоста на луѓето и храната.

    Колку време си на брод, а колку на копно?

    -Моментално работам со договори од по 4 месеци и 2 месеци дома на одмор. Кога станува збор за излегување од бродот на копно, пробувам да најдам време да излезам секој ден по ресторани или најчесто на плажа со по некој коктел .

    За какви патувања станува збор,какви патници има, персонал, колку чини  едно патување на бродот каде што работиш?

    – Компанијата нуди различни патувања, се зависи од бродот или локацијата од каде испловува. Јас најчесто работам на различни бродови но понекогаш остануваме и се враќаме на истите. Едно патување од 4 ноќевања од Мајами до Бахамските острови би коштало од некаде 300 американски долари по човек па нагоре, се зависно од локацијата на собата, дали е на првиот кат или со балкон. Гостите зависат од Американскато пристаниште… Мајами, Њу Орлеанс, Њујорк, Лос Анџелес и така натаму.. Сакам да кажам на пример гостите од Мајами се малку познати по тоа што обожаваат да журкаат Секој брод има различен капацитет на гости и персонал (Лично работам на бродовите каде има околу 4500-5000 гости и 1800 вработени.

    Во овие десет години  се имаш сретнато, запознаено со туристи од Македонија кои патувале на ваше крстарење?

    -Досега имам сретнато многу нашинци од Балканот кои живеат главно во Америка или Канада. Многу се пријатни и веднаш сакаат да се запознаат и да разговараат за животот. Единствени Македонци кои ги имам запознаено и ми беше голема чест да ни бидат гости, дека поминавме прекрасно, се Ацо и Весна Лукароски од Канада. Се запознавме спонтано, тогашно јас бев Менаџер на персоналот на вработените за чистењето на собите и еден од нив ми се обрати да ми каже дека имал гости со чудно име. Кога видов се одлучив да им пратам вино и да ги изненадам  Станавме и останавме пријатели.

    Која позиција си сега, како се започнува, од кое ниво и колку е тешко да го постигнеш сето тоа?

    -Моментално работам како Генерален Менаџер, или обично на бродот се нарекува Директор на Хотелот. Одговорен сум за целиот персонал на бродот заедно со Капетанот и Шефот на Машинеријата на бродот. Да се достигне до позицијата Директор на Хотелот, треба да се работи вредно и трпеливо. Лично, од кога почнав да работам како чистач, си ставив замисла да еден ден стигнам до врвот и да бидам успешен човек, жртвувајќи по 9-10 месеци без враќање дома и без видување со своите што е најтешко. Но секогаш сум ја имал подршката од својата фамилија и тие се најголем фактор досега што имам постигнато (секако, заедно со мојата подобра половина во последните 6 години ). Битно е да ги респектираш и да помагаш на луѓето со кои работиш бидејќи тие ќе ти помогнат исто така. Заедно работиме со луѓе повеќе од 85 различни држави, националности, култури и секој си има свои предности и недостатоци… но така се надоградуваш и стануваш поуспешен.

    Од кога не си бил дома во Валандово?

    -Па последниот пат бев дома за Нова Година и сега сум дома на заслужен одмор од 2 месеци. Понекогаш и работата ми недостига па сакам и побрзо да се вратам  и обратно.

     

    Спомена дека не си бил само во Австралија и Азија, а каде се си патувал, каде ти се допаѓа најмногу, каде би живеел?

    -Најмногу патувам по Бахамите, Карибите, Мексико и Кајманските острови, но најубавото место што сум го посетил е Хаваи. Културата и луѓето се многу гостопримливи и островите се апсолутно прекрасни. Не ни помислив дека еден ден би отишол на место каде што се изгледа толку магично. Ме фасционираше местото каде е снимен филмот “Јура Парк”… неверојатно. Светот е убав и сите различни култури и луѓе се едно ново искуство за мене. Би останал да живеам на Хаваите но малку се посолени во однос на финансискиот дел . Не сум уште одлучил каде, но размислуваме со мојата вереница.

    Имаш партнерка во твојот живот (вереница),  каде се запознавте?

    -Да, имам вереница (наскоро жена ). Се запознавме пред 6 години, токму на бродот каде јас бев подолги години. Уште на прв поглед знаев дека е Таа . Мојата вереница Ронел е од Јужна Африка, поточно од Кејп Таун. Еве веќе сме заедно 6 години и ја градиме нашата иднина. Кои се вашите планови? Сеуште не сме одлучиле, но засигурно планираме да основаме фамилија надвор од бродовите. Засега живееме и во Македонија и во Јужна Африка. Изградивме куќа и таму за да можеме да бидеме поблиску и до нејзината фамилија. Кејп Таун е прекрасен град, полн со живот и многу можности за иднина, додека Македонија ни дава одмор и рекреација.

    Дали Ронел  ја има посетено Македонија, Валандово?

    Да, ја има посетено веќе два пати. Имавме можност да прошетаме до Охрид, Скопје и беше воодушевена од убавините и храната. Најголемо внимание и обрати тоа колку е богата нашата кујна и убавината на домашните производи а најмногу на ајварот Во Валандово најмногу и се допаѓа смиреноста и сонцето особено во лето.

    Што мисли за Валандово?

    -Го обожава градот најмногу заради тоа колку е мирен и без сообраќај (заради тоа што е родена во 5 милионски град и многу сообраќај). Најубавото место и е Манастирот Свети Ѓорги од каде беше воодушевена од погледот и ладните води од планината.

    Што мислат нејзините за тоа дека нивната ќерка можно е да живее толку далеку од нив?

    -Засега и тие се возбудени да ја запознаат Македонија. Заедно со нејзината мајка и сестра ги очекуваме да пристигнат за некоја недела и заедно да прошетаме и да ги запознаам со убавините на Македонија. Тие немаат проблем доколку таа живее далеку но засигурно би сакале да помине некое време и во Јужна Африка.

     

    Latest Posts

    Најнови вести

    Радио Валандово