четврток, ноември 14, 2024

РАДИО ВАЛАНДОВО 91,6 FM

More

    ТАШКА ГЕТОВА: ДОМА СИ Е ДОМА

    ГОЛЕМА ПОСЕТЕНОСТ НА ОТВОРЕНИОТ ДЕН НА СОУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВАЛАНДОВО
    СОУ “Гоце Делчев” Валандово организираше успешен “Отворен ден” на кој деветто одделенците беа запознати со струките кои се изучуваат во училиштето.

    Директорката на училиштето Ташка Гетова ќе каже: „ДОМА СИ Е ДОМА“

    И годинава организиравте отворен ден, како поминавте,  имаше ли интерес?

    -Втора година по ред организираме отворен ден на училиштето. Тоа е настан кој го организираат сите средни училишта и се прави со цел да се запознаат деветтооодделенците за можностите кои се нудат. Отворениот ден го посетија ученици и наставници од повеќе населени места: Валандово, Пирава, Чалакли, Јосифово, Миравци, Негорци, Костурино. Имаше интерес за да се посети училиштето на отворениот ден и овие посети се надеваме ќе вродат плод за деветтоодделенците да се запишат во нашето училиште. На отворениот ден можеме да покажеме само еден мал дел, сегмент на тоа што прават, учат, реализираат нашите ученици во текот на учебната година.

    Годинава најголемиот дел од штандовите беа замислени како интерактивни работилници ученик-ученик заради поголемо доближување пред се на начинот на конструирање на еден час.

    На многу од деветтоодделенците не им е прв пат да го посетат нашето училиште. Досега го имаме претставено и со претходни организирани посети и разгледување на училиштето, посета на часови, беа дел од програмата за нашиот патронен празник.

    Сите ученици,професори сте вклучени во организацијата на овој убав ден на вашето училиште, колку време се подготвувавте?

    – Сите ученици и професори даваат свој придонес во организацијата и реализацијата на отворениот ден. Всушност преку целата учебна година се подготвуваме, затоа што за да има финален резултат за покажување потребно е долгорочна  работа и залагање. На различните штандови учениците покажуваа активности кои се само дел од тоа што го работат на часовите со предметните наставници.

    Најважно од се, а на тоа сум особено горда јас како менаџер на оваа институција, беше тоа што на штандовите на посебните струки и профили посетителите можеа да забележат ученици сигурни во себе кои имаат знаење и владеат со содржината која је презентираат.

    Колку им е интересно на учениците да прават промоција на своето училиште?

    – На вакви настани учениците можат да ја покажат нивната самоиницијативност, креативност, инвентивност и желба секогаш повеќе да се ангажираат. Затоа и постојат вакви настани, за да се покажеме на различни полиња: со учествата и освоените места на натпреварите, наученото од присуството на различни едукативни работилници, проекти во и надвор од земјата.

    Овој отворен ден е граѓаните да се запознаат со вашата работа, но најголем акцент давате на полуматурантите,  на оние кои треба да дојдат да го продолжат образованието. За кој профил имаше најголема заинтересираност?

    – Секако. Акцентот е на деветтоодделенците и нивните родители. Не секогаш децата на таа возраст знаат што понатаму… Мораме, како институција и вработени да продреме преку разговори и дикусии до идните средношколци и нивните родители за да се увиди важноста на нашето валандовско средно училиште, но и да се разгледуваат објективно условите кои ги нудиме.

    Не можам да издвојам посебно ниту еден, затоа што на секој штанд беше гужва, забавно и интересно: гимназијата понуди четири различни сегменти согласно четирите подрачја од општествено-хуманистичкот А и Б подрачје и природно-математичкото А и Б подрачје, здравствената струка преку денталниот асистент, земјоделската преку профилите фитомедицина и агротехничар и машинската струка преку техничарите за компјутерско управување.

    Зошто треба СОУ “Гоце Делчев” да биде нивниот избор?

    „Дома си е дома“ е мојата прва порака.

    Првиот апел е до родителите: „Придонесот како возрасни луѓе, важни клетки на заедницата во која живееме ќе го дадеме кога ќе погледнеме прво пред себе, а потоа подалеку, кон она што не опкружува. Со своето делување најпрво придонесуваме за развојот и напредокот на Валандово, а потоа за татковината“.

    Не сакам да звучам себично, туку напротив космополитски кога ќе кажам дека секој замислено треба да погледне во сопствената лична карта. Настрана сите приказни, од нашето средно училиште произлегле цела плејада доктори, стоматолози, програмери, биолози, агрономи, доктори на науки, професионалци кои дипломирале на универзитетите во Милано, Софија, Љубљана…

    Како краен факт, би посочила некои укажувања на вработените од ОВР Валандово кои поради случувањата во соседството се постојано присутни околу училиштето. Нивната статистика покажала  дека кај учениците од општина Валандово кои учат во другите градови е далеку повисок процентот на девијантно однесување поради тоа што се подалеку од надзорот на родителите.

    Човекот не се развива на факултет, туку неговиот развој се финализира во средношколскиот период. Затоа овој период е многу важен за нашите деца.

    Сакам да знаете, пред дефинитивно да изберете кон каде ќе се насочи деветтоодделенецот дека во СОУ „Гоце Делчев“-Валандово in medias res е вистинската личност-неговото височество, нашето дете-ученикот.

    Повеќе фотографии на следниот ЛИНК

    Latest Posts

    Најнови вести

    Радио Валандово