четврток, ноември 21, 2024

РАДИО ВАЛАНДОВО 91,6 FM

More

    Интервју со директорката на СОУ „Гоце Делчев“ Валандово, Ташка Гетова

    Пред една недела започна второто полугодие од ова учебната година, како го оценивте првото, какви резултати покажаа учениците во вашето училиште?

    – Второто полугодие го започнавме, полека зачекоривме по патеката на стекнување нови знаења. Можеме да кажеме дека  успехот на учениците по првото полугоиде е подобрен во однос на успехот по првото тромесечие од оваа учебна година. Зголемување  бележиме и во споредба со  успехот по првото полугодие од минатата учебна година. Резултатите од учењето… Тоа е всушност постигнатиот успех и вообичаено  се прикажува статистички во бројки. Меѓутоа  бројката не е секогаш краен резултат. Резултати се и вклученоста на учениците во добротворни акции, воннаставни, МИО и ЕКО активности,  учеството на проектите, учество во различни други активности во кои ги вклучуваме учениците преку училиштето или во соработка со други организации и институции.

    Реалност е дека бројот на деца се намалува, а со години наназад средните училишта водат борба за секој ученик. Кои се вашите предности, зошто полуматурантите да се одлучат да го продолжат образованието во Валандово?

    – Бројот на деца во нашата општина се намалува, а со тоа се намалуваат и учениците. Меѓу другото, и општината ни е мала. Нашето училиште го држи темпото на времето и новите промени: и во инфраструктурата, со вработени кои се обучен кадар и редовно се доедуцираат и работат на сопствена допрофесионализација, со зголемување на новите производи кои ги произведуваат учениците во стручното. Сето ова е и причина плус за да се запишат полуматурантите да учат во нашето училиште. За сите струки имаме обезбедено наставни помагала кои помагаат во практичниот дел од наставата.

    Што е тоа што е одлучувачко што треба да ги привлече полуматурантите да се запишат во нашето училиште? Вниманието и посветеноста од наставниот кадар  кои ги добиваат учениците во нашето училиште никаде на друго место ги нема. Одличната интеракција ученик-наставник. Достапноста на училиштето затоа што и оние ученици кои доаѓаат со превоз поминуваат многу кратка релација, можност за активности во училиштето и по завршувањето на часовите, за време на викенди кога е потребно, а тоа учениците со наставниците многу често го практикуваат.

    Вашето училиште се вклучува во разни проекти преку кои средношколците стекнуваат нови искуства, го надоградуваат знаењето и слично. Кои би ги издвоиле и што поконкретно значат ваквите воннаставни активности за децата?

    – Денес часот со учениците не се поврзува само со училницата. А и никој не кажал дека училницата мора да биде просторија со четири ѕида. Образован човек значи човек со отворен ум да даде и да прими. Тоа е една од клучните точки кои сакаме да им ги покажеме на учениците. Со вклучувањето во проектите учениците имаат можност да учат и на друг начин освен во училница. Да, проектите се воннаставни активности на кои учениците можат да ги прошират не само  знаењата туку  и видиците кон светот  и животот. Што би издвоила во однос на значењето на проектните активности? Би ја издвоила комуникацијата со ученици од други држави и отвореноста кон светот, запознавање со други образовни системи, аспекти на гледање на врсници. Преку проектите учениците имаат можност да реализираат практична настава во фирми во странство, а со тоа да учат современи методи на работа.

    За едно раководство на училиште и за професорскиот кадар најголемо задоволство е кога после извесно време ќе ги види своите ученици како успешни и реалиизрани луѓе. Имате ли контакти со наши успешни кои можат да помогнат на сегашните генерации и да споделат искуства?

    – Точно, најголемо задоволство на сите нас е да видиме реализирани луѓе кои биле наши ученици. Се гордееме со нив и ги одржуваме контактите. На различни начини одржуваме соработка со сите наши бивши ученици:

    -тие што имаат денес свои компании примаат сегашни ученици на пракса кај нив,

    -тие што се надвор од Валандово кога доаѓаат дома доаѓаат во училиштето и држат предавања,

    -исто и претходните професори кои се  веќе пензионери се враќаат и одржуваат по некој час .

    Од пред 2 години се воведоа две нови паралелките  во нашето средно општинско училиште, дентален асистент и техничар за компјутерско управување. Какви се резултатите, има ли интерес кај новите генерации?

    – Новите струки се воведоа по барање на бизнис секторот и по барање на учениците и родителите. Правевме компаративна анализа на побарувачката на бизнис секторот, барањата на учениците од основното училиште, а и на тоа која е најголемата веројатност од МОН каква струка ќе ни одобри. Резултатот беше: Машинска струка : Техничар за компјутерско управување и Здравствена: Дентален асистент. И се покажа дека има интерес и имаме ученици во овие струки. Правиме напори за отварање на уште струки, посебно за тие кои ги побаруваат учениците од основното училиште.

    Годинава се размислува и за отворање на нови образовни профили во „Гоце Делчев“, за што станува збор?

    – Размислуваме за отварање на нови струки и во контекст на тоа правиме истражување во три сегменти: ученици, родители, бизнис сектор. Во петок во училиштето ќе реализираме настан – форум: ,,Образованието партнер со бизнис заедницата“ на кој ќе бидат поканети сите од бизнис секторот во општината и пошироко и ќе се испитаат нивните потреби за квалификуван кадар.

    Крајот на минатата година имавте причина да бидете задоволни бидејќи добивте проект вреден 360.000 евра, може ли да ја запознаеме јавноста за што се работи?

    – Многу сме горди на проектот добиен од Регионалниот фонд за предизвици од Германската развојна банка. На повикот имаше 123 апликации од 6 држави и нашиот проект е меѓу првите шест кои ќе бидат поддржани. За овој проект ќе ја известуваме јавноста етапно како што и ќе го реализираме затоа што има многу за кажување. Накратко опишано би било вака:

    -ќе се гради посебен нов објект за машинската струка на два спрата со училница и работилница. Училницата ќе биде опремена со компјутери со посебен софтвер, а работилницата ќе биде опремена со најсовремени ЦНЦ машини.

    -за земјоделската струка ќе се набават: трактор со сите нови можности и приклучни машини, со автоматски машини за обработка на земја и растенија, со сушара за овошје и зеленчук, со доавтоматизирање на линијата за производство на сокот од калинка.

    -сите ученици ќе бидат поврзани преку онлајн систем каде што ќе можат да ги евидентираат своите задачи.

    -специјални машини кои ќе може да ги користат децата со посебни потреби кои се ученици во нашето училиште.

    Меѓутоа најважно овде што треба да го потенцираме е соработката со компаниите кои не поддржаа при аплицирањето и кои ќе не поддржуваат  во текот на имплементирањето. Без нивна поддршка не би можеле да го добиеме проектот. Целта на овој проект е учениците во текот на школувањето професионално да се обучат да работат на современи машини согласно модерните текови на индустријата и стопанството. Кога ќе излезат од училишните клупи да имаме млади луѓе кои ќе бидат интересни и конкурентни за пазарот на труд.

    Во последните неколку години постојано слушаме Учениците се сменија, системот – не. Децата ни се жртви на нефункционално образование. Какво е вашето мислење?

    – Интензивните општествени промени силно влијаат на улогата, смислата и целите на образованието. Научно технолошката револуција и информатичка ера наметнуваат нова улога на образованието.

    Образованието претставува „централен нервен систем“ на секое општество.  Ако нашето училиште е воспитно-образовна институција моето мислење е дека тука треба да се вброиме сите ние: наставници, родители, граѓани, соседи, вработени….. Образованието е функционално толку колку што сакаме и правиме сите ние да биде или не. Од нас зависи. Учениците не се сменети, ресурсите се зголемени. Само треба да се најде вистинскиот начин за да се канализира правилно курикулумот кој треба да се учи.

    Како да се изгради квалитетен систем на оценување на учениците со кој ќе се искоренат фиктивните оценки несоодветни на реалното знаење и вештини. Оваа  негативна појава во македонскиот образовен систем, имавме доста примери годините наназад, постои ли денес? Вие како директор на училиштето што мислите за оценувањето на учениците, ги добиваат ли реалните оцени од професорите, сте имаме ли проблеми, како ги решавате?

    – Квалитетниот систем на оценување е дел од целокупниот образовен процес. Во нашето училиште се трудиме колку што може повеќе да ги применуваме пропишаните критериуми за оценување. Како директор на училиштето тврдам дека учениците ги добиваат реалните оценки по сите предмети и дека колегите повеќе од совесно и правилно ја извршуваат обврската оценување. Сите колеги се професионалци во својата област како за пренесување на знаењето на учениците, така и за нивното оценување.

    Latest Posts

    Најнови вести

    Радио Валандово