Никогаш не е доста од добри бизнис идеи, нови проекти, нови цели. И тоа не само од добри, туку и од оние кои носат одреден успех, е таков е примерот со Јаника Божинов магистар по економски науки.
По завршувањето на студиите Јаника Божинов веднаш се вработува како асистент на УТМС 5 год и уште 4 години како економист по маркетинг во фирмата ЏИВИ Гевгелија. Но денес ќе каже „Конечно пловам во вистинските води. Го работам маркетингот и сите финансиски и сметководствени обврски.“
Овие денови сте актуелни во Валандово со многу убава идеја „НЕДЕЛА НА ЛОКАЛНА И ДОМАШНА ХРАНА“ која веќе ја реализирате во вашата ПИЉАРА „VEGGIC“, да ги поддржиме локалните земјоделци..
-Најпрво, Ви благодарам на поканата. Пиљара Veggic ја основавме во с.Пирава но тоа не беше случајно. Имавме многу коментари од типот “Зошто во село?” “Префрлете се во Валандово, ќе имате многу повеќе профит” “Тешко ќе успеете таму” итн, итн. Бидејќи многу фамилии овде, во Пирава а и пошироко живеат од земјоделие, а откупот на поединечни производи е слаб, речиси и да го нема, па затоа и отворивме баш во село, сè со цел промовирање и продажба на локални производи,вклучувајќи ги и нашите.
Вашиот бизнис е продажба на овошје и зеленчук на мало и е речиси нов, зошто се одлучивте на вакво нешто? Што е тоа што ве прави поразлични од останатите?
-Ние се трудиме најголем дел од продажбата да биде од сопствено или локално производство, но освен тоа се стремиме да биде ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО.Тоа е она што не прави поразлични од другите. Оваа приказна со органското има многу тежок пат, бидејќи сеуште луѓето не се свесни за ГМО храна и ОРГАНСКА храна, но овој пат нема да се откажеме.
Има ли интерес кај домашните производители, земјоделци, се јавуваат ли со понуда или вие ги барате?
-На почетокот навистина беше тешко и ние ги баравме, но сега како поминува времето, самите производители доаѓаат со понуда што е наша голема чест. Ова ни беше замислата од самиот почеток. Трпезата да биде полна со наши, локални производи, а не со увезени и да не знаеме со што и ние и нашите деца се хранат. Разликата е ОГРОМНА, а тоа самите купувачи го коментираат.
Каков производ барате?
-Бараме производ кој е производен во нашата држава, бидејќи како што многумина знаат дека Македонија има најплодна земја, посебно нашиот јужен крај. Најголем дел од производите се од локално производство (краставица, марула, домат, модар патлиџан, кромид, магдонпс, блитва, спанаќ, роквица, тиквица, зелка, брокула многу други).
Што бараат вашите клиенти, важен е квалитетот или цената?
-Знаете како, сите сме различни и со тоа имаме различни барања, но најголем дел од клиентите бараат квалитет и воопшто не прашуваат за цената.
Што најмногу се произведува во нашата општина?
-Во нашата општина најмногу се произведува лубеница, кромид, зелка, марула, краставица. Послабо се произведува домат, брокула, карфиол, цвекло и морков.
Имаме ли квалитет?
-Секако, за квалитет и да не зборуваме. Земјоделците во нашиот крај се многу вредни и се стремат само кон квалитетен краен производ.
Имате ли Ваше сопствено производство, што одледувате?
-Благодарение на Ице секоја година сопственото производство се зголемува. Најпрво почнавме да произведуваме органска краставица третирана со органски ѓубрива, продолживме со производство на домат, модар патлиџан, марула, тиквица, млад кромид, а годинава за прв пат брокула и кивано. Сакам да напоменам дека дел од производителите се насочија кон органско производство како компир, цвекло, магдонос, диња и роквица.
Ако се прашувате како се третирани органските производи во прилог се фотографии од сите ѓубрива за прихрана и заштита на истите.
Размислувате ли и за ваша банка за храна, да им се помогне на оние кои навистина неможат да си купат, а сакаат?
-Секако. Организиравме неколку хуманитарни акции кои беа од отворен тип и можеше да се вклучат сите кои имаат желба, секако со производи а не со парични средства, но за жал заинтересираноста од страна на граѓаните и фирмите беше многу слаба, со неколку исклучоци кои самите побараа да се вклучат.
Од кој дел на општина Валандово доаѓа производството, има ли добар квалитет, можеме ли да кажеме каде навистина се работи?
-Загарантиран е квалитетот кај сите производители, но ете можеме да ги издвоиме Јосифово, цела Бојмија, Пирава, Удово и моето Грчиште .
Колку сте задоволни од вашата работа?
Имате ли проблеми, како ве оценуваат вашите клиенти?
-Сега за сега сме презадоволни од нашата работа и со пиљарата и со производството. Проблеми има некои ситни, како ненавремена достава на производи која не секогаш зависи од нас или од самите производители, но затоа старите велат “Добриот збор, железни врати отвора”. Ние велиме вака: Тој што еднаш те посетил, ако те посети повторно значи дека е задоволен од пристапот, квалитетот, цените и се останато. Во оваа прилика им се заблагодаруваме на сите наши верни клиенти кои ја препознаа нашата работа и без кои оваа приказна немаше да успее.
Вие сте Магистар по економски науки, економијата е врзана со земјоделието, (неговиот пласман, продажба) Ве исполнува ли оваа работа?
Иако сум магистер по економски науки, мирот спокојот и желбата за работа ги најдов баш во оваа област која навистина ме прави 100% исполнета. Со полн ентузијазам станувам секое утро со нови идеи до нови победи.
СЛУШАЈТЕ РАДИО ВАЛАНДОВО ВО ЖИВО