Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, денес (20.02.2023 година) свештенослужители на Повардарската епархија извршија осветување на камен-темелник за изградба на манастир, во месноста Извор, над Валандово. Манастирот ќе биде посветен на Успението на Пресвета Богородица, а се гради под покровителство и со финансиски средства на ктиторот, г-дин Алексеј Пејовски со неговото семејство.
За манастирот во изградба разговараме со Жилиета Димова Пејовска од Валандово мајка на Алексеј Пејовски.
Деновиве беше поставен камен темелник за изградба на нов манастир во Валандово на месноста Извор. Од фотографиите кои што беа споделени на социјалните мрежи се виде дека вие со вашето семејство Пејовски ја финансирате неговата изградба, Зошто?
-Така е, со огромна радост сакам да кажам дека деновиве беше поставен камен темелник на манастирот посветен на Мајка Богородица, на месноста Извор. Тоа е проект кој се подготвувавме веќе подолг период, а се гради за Здравје на нашиот син- Алексеј.
Можете ли да ни споделите нешто повеќе, зошто за Алексеј?
-Позади одлуката да го градиме манастирчето се крие долго животно патешествие, но би раскажала накратко. Во период кога секој се подготвува со радост да го слави 1иот роденден, ние се боревме да откриеме што се случува со нашето малечко, од причина што имаше здравствен проблем кој од ниеден лек не поминуваше и само се влошуваше. Така стигнавме во Скопје, во период на корона, кога беше претешко да се стигме до магнет или друг тип на снимање, бидејќи болниците беа преполни, а приватните со намален медицински персонал. Меѓутоа во оваа тешка ситуација, секогаш со верба во Бог чекоревме напред, надевајќи се на чудо и спас за Алексеј. Во целата таа голгота, кога се соочивме со затворени граници, со полициски час и многу други препреки да може да се направи лекување во странство, кое ни беше одобрено од Фондот, во мене дојде глас кој го послушав со цело срце и душа, а тоа е: да Изградам Манастир се со цел здравје и спас за Алексеј. Од тој момент бевме во неверување колку наеднаш се случи чудо, ги добивме сите дозволи и финансии и единствени ја напуштивме државата и стигнавме во Истанбул, каде се спроведе целото лекување.
Како е Алексеј, дали проблемите се надминати?
– Алексеј е добро. Правиме чести контроли во Скопје и Истанбул и се надеваме секогаш на резултати кои ќе ни укажуваат дека е здрав и болеста е победена.
Извор е убава локација, сигурно добивте благослов од црковните лица, но мора да се има и дозвола за градење, колку општината ви помогна?
-Во врска со локацијата за манастирчето, долго време бевме во потрага, имавме неколку идеи, меѓутоа реализацијата на тие места ни беше доста сложена. Во меѓувреме остварив средба со нашиот градоначалник, г-дин Перо, каде му раскажав дека сакам да градам манастир за здравје на моето дете, за чија ситуација беше претходно запознаен, бидејќи во тешките мигови имавме помош и од негова страна. Па така, колективно со други вработени, ми дадоа предлог да се гради на Изворот, кој предлог веднаш ни се допадна и прифативме. Особено од големо значење ни беше фактот дека и претходно на месноста Извор постоел манастир, меѓутоа за жал со тек на време бил срушен. Непосредно по тоа, отидовме до Епископијата во Велес, каде остваривме средба со Митрополитот Повардарски Агатангел, кој откако го запозна Алексеј и не ислуша, веднаш го даде својот Благослов и со цело срце застана позади овој проект.
До овој момент на поставување на темелите, можам да кажам дека несебично ја имавме целата помош која ни беше потреба од страна на општината и архиепископијата, а особена благодарност би сакала да искажам и до архитект- Василија О. која во краток рок го изработи проектот и ни го достави како донација.
До кога се планирани градежните работи да завршат, има ли некаков рок?
– Немаме одреден рок до кога ќе се одвиваат градежните работи, сето тоа зависи од многу услови, ние започнавме со работа, па ќе видиме како ќе се одвива.
Дали ви се јавуваат ваши блиски, познати или граѓани кои сакаат да помогнат, на кој начин може да го направат тоа?
-Да, ни се јавуваат блиски, пријатели и граѓани кои дознаа за проектот и има голема заинтересираност за помош. Околу начинот на кој може да го направат немаме размислувано, меѓутоа сме отворени за помош, манастирот кој ќе се изгради ќе биде за сите добронамерници кои ќе доаѓаат на ова место. Во најскоро време ќе информираме на кој начин може да се помогне.
Која е вашата порака до сите граѓани, до сите верници?
-До сите граѓани, до сите верници, би сакала да испратам порака по која се водам низ животот. Животот знае да биде прекрасен, но и исполнет со тешки, мрачни мигови од кои мислиме дека нема спас, нема крај. Меѓутоа што и да ни се случува, во каква агонија и да се наоѓаме, никогаш да не престанеме да веруваме во Бог и Мајка Богородица, бидејќи Божјата сила прави чуда најмалку кога очекуваме.