петок, ноември 22, 2024

РАДИО ВАЛАНДОВО 91,6 FM

More

    САШЕ МИТЕВ ПЕЕШЕ НА ВАЛАНДОВО, А ИМАЛ НАСТАП ВО „OPERA HOUSE“ ВО СИДНЕЈ

    За прв пат се појави на валандовскиот фестивал, а неговата песна „Мое небо“ веднаш беше забележана од публиката, тој е професионален музичар, кавалџија во „Танец“ со многу настапи во Македонија и светот.

    Најголемиот настан на кој се почуствувал ГОРД МАКЕДОНЕЦ е на најголемата децениска манифестација 100 ГОДИНИ ИЛИНДЕН во Opera House – Сиднеј, Австралија, 2003 година.

    Саше Митев ќе каже дека во Валандово има убав и добар народ. Саше му свирел на увце и на големиот  Раде Шербеџија.

    Саше Митев на Фолк Фест Валандово 2023

    Песната „МОЕ НЕБО“ слушнете ја на следниот ЛИНК

    Саше Митев за прв пат настапивте на Валандовскиот фестивал, Што мислите?

    Да, точно е дека јас за прв пат настапивна Фолк фест Валандово и можам слободно да кажам дека за мене, овој настан има посебно значење. Дадов максимум од мене да се претставам во најдобро светло и искрено се надевам дека и во иднина уште многупати ќе учествувам на овој за мене, најреномиран во Македонија фестивал на авторски фолк ново-компонирани песни.

    Какво мислење имавте за Валандово, како е сега?

     Искрено, од секагаш сум го гледал како фестивал со најголем авторитет, фестивал со кој што пораснавме, фестивал на кој од времето настапуваа најзвучните пеачки имиња од Македонија, EX YU како и поширокоод Балканот. Се надевам дека и во иднина ќе се задржи на врвот на Фолк Фестивали од нашата земја.

    Вашата песна „Мое небо“ остави впечаток, се слуша на Радио Валандово, може ли да ни кажеш нешто повеќе за песната?

    Песната „МОЕ НЕБО“ како што и вие кажавте, остави впечаток првично и кај мене, но, мое видување е дека добро беше прифатена и од присутната публика на фестивалската вечер кога и за прв пат беше изведена. Инаку текстот на песната МОЕ НЕБО е напишана од Ице Беличев, музика Горан Тодоровски и за прекрасниот аранжман се погрижи Дејан Миленковски. Се надевам дека во иднина ќе се слуша и на останатите фрекфенции на нашите Радиа и Телевизиски куќи.

     

    За Саше знаеме дека е од Струмица и дека живее во Скопје каде што работи во Националниот ансамбл “Танец”, кажете ни нешто повеќе за Вас?

    Да, јас сум роден во градот Струмица, каде и што живеев се до мојата 14 година, средното образование го продолжив во средното музичко училиште во Скопје. По завржувањето на средното образование продолжив со моето школување исто така во Скопје на Факултетот за музичка уметност, на катедрата по Етномузикологија каде што се насочив на изучување на фолклорот и традиционалните музички инструменти од Македонија. По завршувањето на Факултетот, продолжив со моето образование како магистрант на Институтот за фолклор Марко Цепенков во Скопје, оддел Фолклористика каде што во 2014 година се здобив со титулата Магистар по Фолклористика.

    Од мојата II година како студент на ФМУ, поточно од 2000 година почнав да одам како хонорарен соработник во НУ Ансамбл ТАНЕЦ во тагашниот новооформен хор при Ансамблот. Од 2007 година па се до денденес сум редовно вработен во оркестарот на Танец како (кавалџија) музичар инструманталист од прв ред, каде што имам настапувано на многу концерти како во Македонија така надвор ширум целиот свет.

     

     

    Вие сте професионален музичар, за работата со Танец сигурно можете многу да зборувате, но може ли да ни кажете каде се почуствува вистински Македонец на ваш настап?

    Како професионален музичар, се трудам на секој мој настап да го дадам максимумот од мене, нормално да ја презентирам македонската песна и оро достојно на секој концерт со Танец или било тоа да е приватен настан или прослава. Инаку од многубројните концерти досега на кои имам настапувано, слободно можам да го издвојам настанот кој што се оддржа во престижната сала „Opera House“ во Сиднеј, Австралија на 02 Август 2003 година по повод 100 годинината од Илинденското востание. Настан на кој што покрај Ансамбл Танец, учествуваа многу звучни имиња од народната и забавната сцена на тогашната македонска естрада. Гордо претставувајќи ги македонските песни и ора пред преполната сала, чувството беше посебно. Едноставно, горд на тоа што го носиме во себе, горд на македонскиот фолклор, ГОРД МАКЕДОНЕЦ. Се надевам дека и овој 2 Август ќе го обележиме Илинден како што доликува, но овој пат на домашен терен во Крушево и Пелинце.

    Учество на најголемата децениска манифестација 100 ГОДИНИ ИЛИНДЕН во Opera House – Сиднеј, Австралија, 2003 година
    Саше МИтев и Калиопи во Opera House – Сиднеј, Австралија, 2003 година
    Саше Митев, Сузана Спасовска и Гоце Николовски во Сиднеј

    Како ви се допадна во Валандово, што знаете за Валандово, ние сме блиски тука од овој крај и верувам дека има многу што да кажете…

    Валандово како град одсекогаш ми се допаѓал со што се докажа и сега со оваа моја посета.Посебно мало место, каде што секогаш ќе бидете топло пречекан од валандовчани. За Валандово како прекрасна местоположба знам дека покрај прекрасните калинки, успеваат и многу поубави смокви. Како мал со моите родители на пат за Дојран, неизбежно беше да поминеме од тука, а да не купиме убава валандовска смоква. 😊

    Како би го опишал Валандово?

    Прекрасно мало градче на топлиот Југоисток од Македонија, град со прекрасни луѓе, луѓе кои што се многу слични на струмичани, како што сум и јас. Уште како студент во Скопје, од моите студенските деновидругарував со многу валандовчани, со кои што и до денденес останав добар другар и пријател. Едноставно топли, гостопримливи луѓе.

    Каква е вашата препорака на сите оние млади кои сакаат да настапат на валандовскиот фестивал?

    Па моја искрена препорака до сите колеги, што сакаат да се бават со професионално пеење, да го посетат Фолк фест Валандово, може и како гости, НО, многу поголемо е искуството да се учествува и да се биде дел од Фолк Фест Валандово.

    Дали ги следевте двете предфестивалски вечери во Валандово? 

    Двете предфестивалски вечери не бев во можност да ги следам во живо, од причина што не бев тука присутен, но запознаен сум во целост од тоа кој настапувал на двете предфестивалски вечери.

    Дали би наспаил повторно во Валандово?

    Со огромно задоволство, доколку бидам повторно поканет. 😊

    Каде настапува Митев, се пее ли во Вашето семејство?

    Покрај редовните настапите со Ансамбл Танец, имам доста и приватни настапи на свадбени веселби, како и обични редовни свирки во реномираниот ресторан Old House во центарот на Скопје. Секако имам и многу гостувања надовор од Македонија, или поточно кај нашите Македонци во дијаспората (Швајцарија, Германија, Италија и т.н.).  Инаку, да, во нашиот дом се пее и свири наголемо 😊. Ќерката оди во нижо музичко училиште и свири виолина, синот сака да свири и кај и да е ќе почне со изучување на хармоника, сопругата е дипломиран биолог, но и бивша играорка од КУД Јане Сандански – Неготино, како и долгогодишен кореограф на Центар за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ“ од Скопје. Така да, весело ни е по дома. 😊

    Саше на увце на Раде Шербеџија

     

    СЛУШАЈТЕ РАДИО ВАЛАНДОВО ВО ЖИВО

     

    Latest Posts

    Најнови вести

    Радио Валандово