Во организација на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – во среда на 25 септември 2024 година со почеток во 9 часот ќе се одржи 6 – та Меѓународна научна конференција – „Градска Улица 6“ и ќе трае до петок – 27 септември 2024 година.
Научната конференција свечано ќе ја отвори Деканот на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а на неа ќе земат учество повеќе од 50 предавачи, истражувачи, архитекти, урбанисти и професори. На конференцијата како главни поканети говорници ќе настапат реномирани професори од Универзитетот во Харвард, САД, Техничкиот универзитет во Делфт, Холандија, Лунд Универзитетот во Шведска, како и претставници од индустријата од Милано, Италија.
Конференцијата има за цел да ја нагласи улогата на архитектурата во создавање на дополнителни вредности, значења и квалитети на улицата како урбан и социјален феномен, засновани на потребите на заедницата кои ја надминуваат материјалната и комуналната инфраструктура, а се повеќе се однесуваат на социјалните, економските, општествените и идентитетските прашања и процеси. Конференцијата вклучува истражувачи, професори, архитекти, урбанисти, планери, уметници и креатори на политики кои ќе ги споделат своите знаења и искуства во правење на поинклузивни градски улици, но одржливи и убави.
Конференцијата ќе се одвива со програма во четири панели со четири конференциски нагласоци со различни теми од областа на архитектурата:
1. Улиците како инфраструктура на соживот;
2. Патоказ – како правилно треба да се направи улица;
3. Дизајнирање на улици за ефективно реагирање во итни случаи;
4. Улиците како место за јавно дејствување.
На секој панел од Конференцијата, еминентни архитекти, урбанисти, истражувачи и професори од повеќе научни области, како и гости од земјата и странство, ќе дебатираат на различни теми со цел создавање на подобра иднина за градовите и заедниците низ целиот свет.
Во рамки на Конференцијата ќе биде отворена и изложба на фотографии од конкурсот насловен „Убавината е на улиците“ во среда 25-ти септември, 2024 година, во галеријата на Архитектонскиот факултет, УКИМ во Скопје со почеток во 18.00 часот.